Цибона и Задар синоќа ја отворија новата сезона во АБА лигата, а во првиот меч славеше актуелниот првак на Хрватска со 87-69.
Во текот на летото Задар остана без својот најдобар играч Лука Божиќ кој се пресели во Шпанија, но очигледно тренерот Данијел Јусуп и менаџментот на клубот нашле соодветна замена за него. Станува збор за поранешниот кошаркар на Партизан, Амар Гегиќ кој во Задар дојде од Шпанија и веќе на дебито покажа дека е во одлична форма.
Босанскиот репрезентативец беше најдобар на теренот и успеа да израмни рекорд на АБА лигата. Тој постигна 30 поени што е најголем број на отворањето на една сезона во регионалното натпреварување. Сега го држи рекордот заедно со Божиќ кој лани во првиот меч, против Студентски центар постигна исто толку.


