На последните два натпревара од првата претквалификациска фаза за пласман на Европското првенство, македонската репрезентација ќе биде засилена со натурализираниот американски кошаркар Ди Џеј Стјуард, член на Олимпија од Љубљана.
Се чини дека стручниот штаб и директорот на репрезентацијата завршија одлична работа бидејќи Стјуард имаше одлична сезона во Олимпија со која ја освои шампионската титула, а тој беше прогласен за МВП на финалната серија со Крка. На првиот меч постигна 20, на вториот 27, а на третиот 19 поени и сосема заслужено го понесе ласкавото признание. Сепак, по завршувањето на финалето, новиот македонски репрезентативец најави дека летово би можел да ја смени средината, по три сезони поминати во Олимпија.
MVP finala državnega prvenstva – DJ Stewart! 🔥#ZmajevaDruzina pic.twitter.com/pfCzG60yvn
— Cedevita Olimpija Ljubljana (@KKCedOL) June 5, 2026
„Оваа МВП награда не би била можна без моите соиграчи и тренерот кои ме поставија на вистинските позиции. Благодарен сум што го остварив ова, можеби оваа титула е моја последна со Олимпија што ја прави уште попосебна“, рече Стјуард.
Низ кошаркарските медиуми веќе можат да се прочитаат шпекулации во врска со неговата иднина. Според нив, Стјуард е најблиску до Басконија, особено сега кога има македонски пасош бидејќи нема да фаќа место за странски играч. Некои одат дотаму што тврдат дека договор е веќе постигнат и само се чекало да биде официјализирано добивањето државјанство на Македонија.
Во трите сезони поминати во тимот на Олимпија, Стјуард стана миленик на навивачите, не само поради офанзивните карактеристики, туку и поради одличната игра во одбрана.


