Легендарниот Дирк Новицки би можел повторно да има официјална улога во организацијата на Далас Маверикс, откако откри дека разговарал со новиот претседател на клубот Масаи Уџири.
Германецот во изминатиот период се држеше подалеку од клубот за кој настапуваше 21 сезона. Сепак, пристигнувањето на Уџири на раководната функција очигледно донело промена во односите, а двете страни веќе разговарале за можноста Новицки повторно да биде дел од Маверикс. Новицки призна дека во минатото се дистанцирал од клубот поради одредени одлуки со кои не се согласувал. Сепак, сега гледа можност повторно да се воспостави блиска соработка.
„Сите знаат дека одреден период бев дистанциран. Имаше работи со кои не се согласував, па затоа малку се оддалечив од клубот. Но, Масаи го познавам долго време. Веќе разговаравме за иднината и тој очигледно сака да бидам дел од Маверикс“, изјави Новицки.
Иако постои желба за соработка, легендарниот Германец нагласи дека неговото евентуално враќање нема да се случи веднаш. Новицки во моментов има повеќе професионални обврски, меѓу кои работата како кошаркарски аналитичар и ангажманот во ФИБА, поради што често патува.
„Мислам дека сето ова е само почеток. Во моментов имам работа како аналитичар и сум во управата на ФИБА, па многу патувам. Затоа во блиска иднина нема да се случи ништо конкретно“, објасни тој.
Сепак, Новицки не ја исклучува можноста еден ден да преземе улога во раководството на клубот и со своето огромно искуство да помогне во развојот на Маверикс.
„Би сакал да бидам во близина и можеби еден ден да се вклучам повеќе и да придонесам со моето искуство. Ќе видиме што ќе донесе иднината. Јас секогаш ќе бидам човек на Маверикс“, порача Германецот.
Новицки е една од најголемите легенди во историјата на клубот. Целата своја НБА кариера ја помина во Далас, а во 2011 година го предводеше тимот до единствената шампионска титула во историјата на франшизата.


