Раководството на Денвер Нагетс вечерва приреди шок на кошаркарскиот свет откако одлучи, на три натпревари пред крајот на основниот дел од сезоната, по десетгодишна соработка, да го отпушти тренерот Мајк Мелоун.
Пред неполни две недели иста одлука донесе и Мемфис Гризлис кој го отпушти тренерот иако тимот во тој момент се наоѓаше на четвртото место во Западната конференција. Сепак, Гризлис тогаш имаше уште десет меча од основниот дел, додека на Денвер му остануваат уште три, а овој сегмент од лигата завршува в недела.
Ова е најдоцна тренерска смена во НБА лигата во последните 44 години, односно од сезоната 1980/81 кога Атланта го отпушти тогашниот предводник Хјуби Браун, исто така на три меча пред крајот на сезоната. Разликата е во тоа што Хоукс тогаш се наоѓаа на осмото место во Источната конференција (шест одеа во плејофот) и немаше шанси да влезе во разигрувањето за титулата.
Денвер во моментов е на четвртата позиција на Западот и се уште има шанси да се пласира директно во плејофот.


