Панатинаикос славеше голема гостинска победа над Реал Мадрид со 115-112 по продолжение, во натпревар од 10. коло во Евролигата кој донесе дури 227 поени и неизвесност до последните моменти.
Главниот херој на грчкиот состав беше Кендрик Нан, кој одигра фантастичен натпревар и постигна 33 поени. Американецот беше најголемата закана за одбраната на Реал и во клучните моменти презеде одговорност, предводејќи го Панатинаикос до значаен триумф во Мадрид.
Реал успеа да се врати од двоцифрена негатива, а во завршницата од регуларниот дел Андрес Фелиз погоди за 101-101 и го одведе натпреварот во продолжение. Претходно Панатинаикос имаше одличен почеток и во еден момент стигна до предност од 15 поени, но мадриѓаните постепено ја топеа разликата.
Во дополнителните пет минути продолжи драмата. Двата тима се менуваа во водството, но грчкиот состав покажа повеќе смиреност во решавачките моменти. Матијас Лесор одигра важна улога под кошевите, а неговата акција со дополнително слободно фрлање донесе значајна предност за гостите. Реал не успеа да најде одговор во последните напади и мораше да се помири со поразот.
Нан постигна 23 од своите вкупно 33 поени во последната четвртина, потврдувајќи дека е играч за големи моменти. Лесор, пак, беше меѓу најзаслужните за победата со борбеноста во рекетот.


