На неполна недела пред крајот на основниот дел од сезоната во НБА, прашањето кој ќе ја освои МВП наградата се чини дека е решено.
Обложувалниците ги објавија новите квоти, а за ѕвездата на Оклахома Сити Тандер, Шеј Гилџес Александер, таа падна од 1,15 на само 1,05 од петок. Тоа му дава огромна предност пред Виктор Вембанјама и Никола Јокиќ, додека Лука Дончиќ поради повреда на тетивата е надвор од конкуренција за ова признание.
Шеј Гилџес Александер беше фаворит за освојување на наградата во поголемиот дел од сезоната, а квотата за него падна уште повеќе во петокот откако Тим Бонтемпс од ЕСПН ја објави својата трета и последна голема анкета во сезоната. Канаѓанецот доби 88 гласови за прво место, додека ниеден друг играч не доби повеќе од осум.
Тоа ги намали шансите на ѕвездата на Сан Антонио Спарс, Виктор Вембанјама, за кого квотата се качи на 10 откако Сан Антонио загуби од Никола Јокиќ и Денвер Нагетс во неделата. Аргументот за Вемби во голема мера се базираше на тоа што Сан Антонио се закани дека ќе ја престигне Оклахома за првото место на Западот, но поразот во неделата ги остави Спарс три победи назад, а остануваат само четири натпревари до крајот на основниот дел од сезоната.
Јокиќ иако е извесно дека ќе ја заврши сезоната со трипл дабл просек, апсолутно не е во комбинација за МВП и квотата за него изнесува огромни 76.


