Најтрофејниот европски стручњак Жељко Обрадовиќ бил на само чекор од преземање на Бруклин Нетс, тврди Данко Цвјетичанин кој повеќе од една деценија работи како скаут за франшизата од Њујорк.
Тој не појаснува точно кога се случило ова, но од изнесеното може да се петпостави дека е во периодот меѓу 2012 и 2013 година. Познато е дека Обрадовиќ не е голем фан на НБА лигата, но Цвјетичанин тврди дека понудата од Нетс му се допаднала и дека малку фалело да седне на клупата на овој тим.
„На моја препорака, Жељко дојде на чекор од Нетс, но тогашниот газда на франшизата го стопира целиот процес, без да ми објасни зошто. Михаил Прохоров никогаш не постигна договор со Обрадовиќ кој веќе беше во авион за САД“, откри Цвјетичанин кој е поранешен кошаркар на Партизан и Цибона и југословенски и српски репрезентативец.
Прохоров беше сопственик на Бруклин Нетс од 2010 до 2019 година, а Обрадовиќ до 2012 го водеше Панатинаикос. По заминувањето од Атина, српскиот стручњак една година беше без ангажман поради што се претпоставува дека тогаш имал понуда од Нетс. Со оглед на тоа што не дојде до договор, во 2013 година го презеде Фенербахче и го водеше овој тим до 2020 година.


