Ненад Димитријевиќ и соиграчите им приредија големо задоволство на своите навивачи откако Арис го совлада Панатинаикос со 101-91 во спектакуларен натпревар во Солун.
Тимот од Атина го доживеа првиот пораз сезонава во домашното првенство, а домашните кошаркари ја прославија големата победа пред своите навивачи.
Арис, предводен од тренерот Василис Спанулис, одигра одличен натпревар и во голема мера ја контролираше средбата. Ненад Димитријевиќ беше меѓу најзаслужните за триумфот, завршувајќи го дуелот со 14 поени, пет асистенции и две украдени топки.
Сепак, главни стрелци на домашниот состав беа Мет Морган со 21 поен и Адам Мокока со 19. Василис Толопулос додаде 13, додека Џеремаја Робинсон-Ерл запиша 11 поени.
Панатинаикос имаше свои блескави моменти, но премногу грешеше, а Арис знаеше како да ги искористи подарените топки. Домаќините постигнаа дури 37 поени по грешките на противникот, кој натпреварот го заврши со 20 загубени топки.
Арис имаше предност од 46-44 на полувремето, а со одлична трета четвртина се одлепи на 79-68. Панатинаикос се врати во игра и дури поведе со 85-84 во завршницата по двете врзани тројки на Гершон Јабуселе, но Морган со клучна тројка и дополнително слободно фрлање повторно го сврте резултатот во корист на домашните. Толку беше од надежите на гостите – Арис ја заврши работата и стигна до голема победа.
Најголем отпор кај гостите пружи Јабуселе со 22 поени, Силвен Франциско постигна 20, Најџел Хејс-Дејвис заврши со 17, а Матијас Лесор со 16 поени.
Со овој пораз Панатинаикос го загуби максималниот ефект во грчкото првенство, а двата тима сега имаат биланс од четири победи и еден пораз. Арис, пак, ја продолжи одличната серија и испрати сериозна порака до конкуренцијата.


