Оставката на Жељко Обрадовиќ, прва во неговата 34-годишна тренерска кариера, го потресе Партизан повеќе од кој било резултат последните години.
По низа шпекулации и обиди за пресврт на ситуацијата, исходот остана непроменет – легендарниот тренер официјално го напушти клубот. Со него, си заминаа и долгогодишните соработници Влада Андроиќ и Жосеп Марија Искиердо, со што само делумно се затвори едно од најинтензивните поглавја во поновата историја на црно-белите.
Во меѓувреме, медиумскиот простор „експлодираше“. На почетокот протече приказната дека Андреа Тринкиери е апсолутен фаворит да го преземе тимот, но набрзо пристигнаа контрадикторни информации – наводно тој, како и неколку други домашни кандидати, одбил да седне на „жешката клупа“ во Хумска. Во своето прво обраќање по заминувањето на Обрадовиќ, претседателот на клубот, Остоја Мијаиловиќ, рече дека Партизан сè уште не разговарал со ниту еден тренер. Тој додаде и дека последен пат го видел Тринкиери кога Италијанецот го напуштал клубот. Претседателот го посочи изборот на спортски директор како клучна задача на Управниот одбор – негов предлог ќе биде Жарко Паспаљ – и дури потоа ќе следи потрагата по нов тренер.
Сепак, утрото по неговото обраќање донесе нова лавина од информации. Тринкиери и Игор Кокошков, поранешниот шеф на тренерскиот штаб на Ефес, се, според различни извори, главни кандидати, со напомена дека двајцата имаат конкретни барања за кои Управниот одбор сè уште ќе разговара. Дури и името на Пабло Ласо, поранешен тренер на Реал Мадрид и неодамна професионален консултант за телевизијата ДАЗН, се појави во кошаркарските кругови.
Додека се чека официјалниот исход, се појави тврдење дека Мирко Оцокољиќ би можел да го предводи тимот на натпреварот против Баерн, закажан за четврток на „Арена“. Оваа информација засега не е потврдена од клубот.


