Партизан оствари исклучително важна победа на гостувањето кај Будуќност и го обезбеди второто место на табелата пред плејофот, но триумф на жешкиот терен во Подгорица очигледно не го израдува тренерот Жељко Обрадовиќ.
На прес-конференцијата по мечот, тој објави дека закажал тренинг директно од аеродром, во раните утрински часови.
„Игравме пред неколку дена со Олимпијакос, ефектот на кошаркарите од клупата беше три поени. Јасно е дека кошарка не се игра со пет играчи, не е само кошот кошарка, има уште многу сегменти во кои може да му се помогне на тимот. Закажав тренинг со некои за утре наутро, директно од аеродром, па да видиме што се случува“, рече, меѓу другото, Обрадовиќ.
Пред Партизан е исклучително важна недела во која мора да ја победи Алба ако сака да остане во игра за пласман во плејинот, но во исто време ќе очекува помош од Фенербахче во дуелот со Анадолу Ефес.


