Македонскиот вицешаампион Пелистер го претрпе првиот пораз сезонава во АБА 2 откако вечерва загуби на гостувањето кај Подгорица со 79-90.
Поразот е превисок ако се има предвид што се случуваше во текот на натпреварот и ако се знае дека битолчани водеа од крајот на првата до средината на последната четвртина. Сето тоа се сруши поради очајните седум минути во четвртиот период во кои Пелистер буквално не постоеше на теренот и го уништи она што го градеше долго време.
На осум минути пред крајот на натпреварот, Пелистер водеше со 75-68 и се беше подготвено за одбрана на тоа водство кое, со неколку осцилации, нашиот тим го имаше уште од првото полувреме. Сепак, место Пелистер, завршниот удар го зададе Подгорица, а тој беше многу болен. Во следните седум минути, Подгорица направи серија од 21-1 и од -7, отиде на +13 со што се избори за својата прва победа во АБА 2 сезонава.
Пелистер на овој меч играше без Андрија Бојиќ и тоа се почувствува во клучните моменти. Едвардс со 24 поени беше најефикасен во тимот, Мишковиќ додаде 12, а Антоан 10. Во третото коло, за две недели, Пелистер ќе го пречека дебитантот во оваа конкуренција, Џокер од Сомбор.


