Многу веројатно во втората фаза од АБА 2 лигата нема да има ниеден македонски претставник иако Македонија оваа сезона имаше три екипи, како и БиХ, Србија и Црна Гора.
МЗТ Скопје и Работнички се веќе фактички испаднати, а теоретски, но нереални шанси постојат за Пелистер евентуално да ја спаси сезоната. За битолчани да се пласираат во топ-8 треба да се поклопат околности, а од досега виденото, речиси не постојат можности за такво нешто.
Новиот систем на натпреварување кој беше воведен во АБА 2 од оваа сезона требаше да бидe предност за македонските клубови бидејќи од пандемијата се играше во „балони“ кои никогаш не се одржуваа во Македонија, па нашите екипи требаше да го искористат домашниот терен и своите навивачи за да направат исчекор. Излезе дека тоа не е никаква предност што може да се забележи и по досегашните резултати, на коло пред крајот на првата фаза.
Од вкупно 15 натпревари, македонските клубови забележаа само три победи од кои две одат на МЗТ Скопје и една на Пелистер. Можеби овој биланс ќе биде подобрен во последното коло во кое трите наши претставници играат на домашен терен, но засега факт е дека МЗТ Скопје го победи само најслабиот во својата група – Теодо, а Пелистер славеше единствено во првото коло, против Широки. Работнички е со 0/5 и во последното коло го пречекува првиот фаворит за титулата – Војводина. Ефектот од 20% успешност е двојно полош од минатата сезона кога МЗТ Скопје, Пелистер и ТФТ на вкупно 39 натпревари во основниот дел остварија 15 победи или околу 40% сo тoа што тимот од Аеродром обезбеди пласман и во плејофот и стигна до полуфиналето.
Со само три победи досега, македонските клубови се најлоши од сите што учествуваат во АБА 2 лигата. Од оние со три претставници, Црна Гора има пет победи, БиХ дури осум, а Србија 12. Подобри се дури и Словенија и Хрватска кои имаат по два клуба бидејќи Хелиос и Илирија остварија вкупно седум победи, а Цедевита Јуниор и Шибенка пет.
За потсетување, станува збор за АБА 2 лигата во која Македонија ја претставуваат најдобрите три екипи од минатата сезона, а другите држави главно играат со тимови кои се под четвртото место во конечниот пласман од лани, со исклучок на Домжале кој беше вицешампион на Словенија. Тоа е само уште една потврда за ниското ниво на македонската клупска кошарка.


