Подготовките на европските гиганти за новата сезона се веќе почнати, а со тоа се речиси финализирани ростерите и стручните штабови.
Мало изненадување дојде од Италија каде тамошниот шампион Виртус во својот стручен штаб, како асистент на Душко Ивановиќ го вклучи искусниот српски стручњак Ненад Трајковиќ. Последниот ангажман, Трајковиќ го имаше во Македонија каде без поголем успех го водеше Пелистер каде работеше нешто повеќе од три месеци.
Дојде пред стартот на вториот дел од сезоната, а доби отказ пред крајот на април откако Пелистер влезе во негатива од 0-2 во четвртфиналната плејоф серија против Работнички. Во меѓувреме доживеа убедлив пораз и елиминација од МЗТ Скопје во полуфиналето на Купот, а основниот дел од сезоната Пелистер го заврши на шестото место.
Факт е дека Трајковиќ има долгогодишно тренерско искуство, работеше во Реал Мадрид и во неколку НБА клубови, во повеќе наврати водеше младински селекции на Србија, а сега треба да му помогне на Ивановиќ да ја одбрани титулата во италијанското првенство и да оствари што подобар пласман во Евролигата.


