За разлика од шампионската сезона, Денвер во моментов нема толку широк ростер и секој играч е од големо значење за тимот.
Тоа се гледа и по резултатите бидејќи Нагетс на седум меча остварија четири победи, а три од нив беа минимални. Најмалку еден месец, Денвер ќе биде и без еден од најдобрите во тимот, Ерон Гордон кој се повреди на мечот против Торонто, одигран вчера. Последните прогнози велат дека тој ќе отсуствува околу еден месец што значи дека ќе пропушти најмалку 10 натпревари што е тежок удар за шампионот од 2023 година.
Гордон имаше одличен старт на сезоната и беше втор играч во тимот, зад Никола Јокиќ. Просечно постигнуваше по 15,4 поени, 6,7 скока и 3,1 асистенција и прашање е дали Денвер ќе успее да најде замена за него. Освен него, го нема и Џамал Мареј за кого не се знае кога ќе се врати на терените, а тоа само дополнително ги усложнува работите во екипата.


