Српската кошарка доживеа уште една голема бламажа откако синоќа беше прекинат вториот натпревар од финалната серија во КЛС меѓу Партизан и Црвена Звезда.
По двочасовен прекин, кошаркарите на Звезда се вратија на терен и потоа службено го добија мечот, а со тоа и шампионската титула во српското првенство. Претходно имаше информација дека нема услови за продолжување на натпреварот и тој ќе се доигра денеска, на што се повикува и Партизан во своето соопштение, објавено доцна синоќа.
„Првиот судија го прекина натпреварот поради навредување на Весна Човиќ што е првпат во историјата на нашата кошарка, натпревар да се прекине поради вербален деликт. По прекинот, екипата на Црвена Звезда се повлече во соблекувалната. За потсетување, само на овие два натпревара се навредувани Жељко Обрадовиќ, Зоран Савиќ, Кевин Пантер, Алекса Аврамовиќ, Ален Смаилагиќ, Немања Недовиќ и Милош Теодосиќ, но играта ни за секунда не беше прекината.

Откако беше побарано арената да се испразни, екипата на Партизан долго чекаше на теренот за продолжението за потоа, официјалните претставници на нашиот клуб да добијат информација од судиите дека натпреварот ќе се доигра за 24 часа. Тимот потоа се повлече во соблекувална, а играчите беа пуштени да си одат дома. Кога изненадувачки, судиите и играчите на Црвена Звезда се појавија на теренот, по повеќе од два часа од прекинот, кошаркарите на Партизан веќе беа тргнати кон своите домови. Судиите и делегатот на овој начин сакаат да ѝ ја доделат титулата државен првак на Црвена Звезда, а Партизан во таков скандал не сака да учествува“, пишува во соопштението од КК Партизан.
Натпреварот денеска официјално треба да биде регистриран со 20-0 за Црвена Звезда со што овој тим ќе биде крунисан во шампион за сезоната 2023/24.


