Вест на викендот во турската кошарка е 15-годишниот Омер Еге Зијаетин од Фенербахче кој вчера стана најмлад играч во историјата на шампионатот на Турција.
Фенербахче го совлада Тофаш со 109-77 во рамките на 18. коло од тамошното првенство, а Зијаетин не само што дебитираше, туку одигра десет минути, постигна и шест поени, 1 асистенција и 1 скок и на крајот од натпреварот заврши на рацете на своите соиграчи и ја доби топката од мечот за да се сеќава на овој момент до крајот на животот. Своето деби го забележа на 15 години и безмалку 10 месеци бидејќи е роден на 20 мај 2008.
На Инстаграм профилот на Зијаетин може да се најде фотографија што датира од 2016 година, а на која е тој со Жељко Обрадовиќ додека српскиот стручњак беше тренер на Фенербахче.
Зијатин е висок 186 сантиметри, игра на бековските позиции, шутира со левата рака, а во моментов, освен во првиот тим, настапува и за У16 екипата на Фенербахче.


