На четири кола пред крајот на основниот дел од сезоната во Првата македонска кошаркарска лига, ситуацијата е замрсена повеќе од кога било порано.
Во моментов, на врвот се израмнети две екипи, а при дното, пет тима се на два бода разлика и секој од нив има шанси за плејофот. Во моментов се јасни само седум екипи кои ќе учествуваат во плејофот, но допрва ќе се одлучува за нивниот конечен пласман.
Работнички ги искористи трите порази на МЗТ Скопје и со осум победи по ред, меѓу кои и во директниот дуел со ривалот од Аеродром, симболично го презеде врвот на табелата. Симболично – затоа што во случај двете екипи да завршат со ист број бодови на крајот од првенството, предноста ќе ја има МЗТ Скопје поради подобрата кош-разлика во меѓусебните дуели. Шампионот во Кале победи со 14, а Работнички во Кисела Вода возврати со триумф од само четири поени.

Во одлична форма во новата година се и Чаир и ТФТ кои се во серија од четири, односно пет победи, како и Феникс кој славеше во пет од последните шест кола. Сепак, поради претходните резултати, шансите на овие екипи да се најдат на врвот се минимални што не значи дека не можат дополнително да го подобрат својот пласман и од подобра позиција да влезат во плејофот. Најинтересно е тоа што една победа или пораз одлучува дали тимот ќе заврши на третата или на шестата позиција.
Што се однесува до долниот дел од табелата, од осмата до 12. позиција буквално се е можно, а ќе одлучуваат меѓусебните дуели на засегнатите екипи. Ако до неодамна се чинеше дека Гостивар е сигурен на осмото место, повеќе не е така бидејќи разликата со Кожув, Охрид и Академија ФМП е само еден бод. За овие пет екипи, вклучувајќи го и Вардар, плејаутот е веќе почнат бидејќи оној што ќе ја освои осмата позиција, освен што ќе влезе во плејофот, ќе обезбеди опстанок во елитната конкуренција.


