Напорниот распоред во овој период очигледно си го зема данокот и ТФТ денеска доживеа тежок пораз од Пелистер во третото коло од плејофот.
Битолчани иако не беа под резултатски императив, славеа со 105-69, правејќи ја интересна борбата за првото место на табелата. На две кола пред крајот на лигашкиот дел, ТФТ има само една победа предност, а му следуваат натпревари со Маџари на домашен терен и Кожув на гости.
ТФТ ниеднаш не беше во водство на денешниот меч, а победникот беше познат уште по првото полувреме кое Пелистер го доби со 66-37. Гостинскиот тим делумно се консолидира во третиот период кога му дозволи на Пелистер само 12 поени, но во последните десет минути битолчани повторно ја демонстрираа својата сила.
Дејвис и Вилсон со по 20 поени беа најефикасни на натпреварот со тоа што вториот имаше и 11 скока. Кај ТФТ, Тома Стојановски постигна 16 поени и девет скока.
Скопскиот тим го очекува уште една напорна недела, прво в недела го пречекува Маџари, па следува вториот меч од финалната серија во АБА 2 против Широки и во зависност од исходот на тој натпревар, ќе се знае кога ќе се сретне со Кожув во последното коло од плејофот. Во случај на ист број бодови со МЗТ Скопје на крајот од првенството, шампионот ќе го освои првото место бидејќи има 2-1 во меѓусебните дуели оваа сезона.


