Со 89 гласа ЗА, денеска во Собранието на Република Македонија е усвоен новиот Закон за спорт во кој најзначајна одредба беше начинот на распределба на финансиските средства кон спортистите, клубовите и федерациите.
Овој закон треба да биде замена за т.н. ваучер-систем кој беше на сила до минатата година, а преку кој во спортот, вклучувајќи ја и кошарката, влегуваа десет милиони евра. Со новиот закон, место компаниите, односно спонзорите да ги префрлаат средствата, тоа во иднина ќе го прави директно Владата на Република Македонија со што треба да се спречат малверзации и манипулации.
Пред две недели, предлог-законот беше повлечен од собраниска процедура поради што владееше страв дека нема да биде донесен и дека клубовите ќе останат без планираните средства, но од Владата тогаш посочија дека тоа е направено поради административна грешка.


