Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски синоќа го одигра првиот натпревар во новата сезона и воедно дебитираше за својот нов колеџ-тим Колорадо Бафало.
Неговата екипа славеше убедлив триумф против Источен Вашингтон со 76-56 и тоа благодарение на подоброто второ полувреме. Гостите многу силно го почнаа натпреварот, на средина од првиот дел имаа водство и од 18 поени разлика (24-8), а предноста ја задржаа по воведните 20 минути, само што таа не беше толку висока (31-25).
Второто полувреме донесе сосема поинаква слика на теренот и покрај тоа што Источен Вашингтон го одржуваше водството до средината. Колорадо почна да ја топи негативата, а клучна се покажа серијата од 12-0 по која домашниот тим поведе со 58-47. На крајот, тоа излезе и убедлива победа, а второто полувреме Колорадо го доби со 51-25.
Својот прв поен, Јакимовски го постигна на три минути пред крајот на првото полувреме, од линијата за слободни фрлања. Мечот го заврши со 11 поени и 7 скока, а имаше голем придонес во пресвртот во вториот дел кога реализира девет од своите 11 поени. За 28 минути во игра, имаше уште 3 украдени топки и 2 асистенции за да го комплетира одличниот впечаток на своето деби во тимот на Колорадо.


