Кошаркарската федерација на Македонија и клубовите од Првата македонска лига – мажи (втора по ранг) ја завршија првата фаза околу организацијата на новата натпреварувачка сезона 2026/27.
На работниот состанок со претставниците на Здружението на клубови од Првата лига беа разгледани прашањата поврзани со системот на натпреварување, календарот и подготовките за почетокот на сезоната. Беа потврдени и двете натпреварувачки групи, а со ждрепката беа одредени и двојките за првото коло.
Новата сезона е предвидено да започне на 10 октомври.
Во групата А, во првото коло ќе се сретнат:
Борец Баскет – Ангели
ИБА Скопје – Водно Санс
Младинец – Црн Дрим
Феникс 2010 – Мега Баскет
Во групата Б ќе играат:
Гостивар – Тетекс ТТК
Овче Поле – Охрид
Гевгелија – Вардар
Бутел ќе биде слободен во воведното коло.
Првата фаза ќе се игра по двокружен систем, односно секоја екипа ќе одигра по два натпревара со противниците од својата група.
По завршувањето на оваа фаза, четирите најдобро пласирани екипи од двете групи ќе формираат ТОП 8 фаза. Во неа ќе се пренесуваат резултатите од меѓусебните натпревари одиграни во првата фаза. Останатите екипи ќе продолжат во Плеј-аут фазата, каде што ќе се води битката за опстанок во највисокиот ранг. Во оваа фаза ќе настапат тимовите кои ќе ги заземат петтото до осмото место во своите групи.
На крајот од сезоната, најдобро пласираната екипа во Првата македонска лига ќе обезбеди пласман во Суперлигата, додека последнопласираниот тим во Лигата за опстанок ќе го загуби прволигашкиот статус.
Со утврдените групи, системот на натпреварување и првите двојки, клубовите сега влегуваат во завршната фаза од подготовките за новата сезона, која треба да донесе нова борба за пласман во Суперлигата и опстанок во прволигашката конкуренција.


