Српскиот клуб Партизан и официјално го потврди ангажманот на Крис Силва, кој доаѓа од редовите на турскиот гигант Фенербахче.
Габонскиот кошаркар ги мина медицинските прегледи и го комплетираше трансферот во белградскиот тим, со што тренерот Жоан Пењароја доби уште една опција во центарската линија.
Триесетгодишниот Силва е висок 206 сантиметри и може да настапува на позициите крилен центар и центар. Во Белград пристигнува по освоената двојна круна со Фенербахче во Турција, но во актуелната сезона не добиваше значајна минутажа во тимот од Истанбул.
Станува збор за кошаркар со сериозно меѓународно искуство. По завршувањето на студиите на Универзитетот Јужна Каролина во 2019 година, Силва ја започна професионалната кариера, а во НБА-лигата настапуваше за Мајами, Сакраменто, Минесота и Далас. Има искуство и во развојната Г-лига, како и во Порторико и Израел.
Европската кариера ја продолжи во АЕК Атина, каде што со добрите настапи го привлече вниманието на Фенербахче. Во јануари 2026 година се пресели во турскиот клуб, но поради големата конкуренција во центарската линија не успеа да се избори за посериозна улога.
Со неговото доаѓање, Партизан добива дополнителна физичка сила, атлетски способности и поголема ротација под кошевите, што е особено важно во продолжението од сезоната и згуснатиот распоред во Евролигата. Добрата вест за навивачите на црно-белите е што Силва ќе има право на настап уште на следниот натпревар против Задар, па останува да се види дали Пењароја веднаш ќе му даде можност за деби.


