Како што беше најавено, Душан Алимпијевиќ денеска е назначен за нов селектор на репрезентацијата на Србија, на местото на Светислав Пешиќ.
Договорот на Пешиќ истече денеска, а од утре официјално Алимпијевиќ стапува на сцена откако денеска Управниот одбор на Кошаркарскиот сојуз на Србија го одобри неговото назначување. Младиот стручњак е тренер на Бешикташ, но тоа нема да му пречи да ја води репрезентацијата бидејќи неговиот клуб настапува во Еврокупот и нема натпревари за време на ФИБА прозорците.

„КСС со големо задоволство ја известува јавноста дека е постигнат договор со Душан Алимпијевиќ кој со одлука на УО денеска е официјално именуван за селектор на машката сениорска репрезентација на Србија. Договорот е на три години и во тој период Алимпијевиќ ќе ги преземе сите надлежности поврзани со подготовките на тимот за претстојните квалификациите за Светското првенство, како и меѓународните натпреварувања“, пишува, меѓѓу другото, во соопштението на КСС.
Ова значи дека Алимпијевиќ, ако го одработи договорот до крај, ќе биде селектор најмалку до Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година. Своето деби ќе го забележи на 27 ноември против Швајцарија на домашен терен, а во групата ги има уште Турција и БиХ.


