Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ официјално стана член на шампионот на Италија, Олимпија Милано.
Клубот пред малку соопшти дека е потпишан договор на две години, а нашиот кошаркар ќе дебитира во Евролигата.
„Благодарен сум што ќе бидам дел од еден историски клуб. Возбудата е голема што добив можност да ја збогатам ионака богатата историја на Олимпија и да помогнам при освојувањето на нови трофеи. Едвај чекам да му се придружам на тимот“, изјави Димитријевиќ.
Во Италија, тој оди по две фантастични години во Уникс каде прво беше прогласен за МВП на финалната серија, а потоа и за МВП на сезоната. Во новиот клуб, тој ќе има можност да работи со еден од најдобрите европски кошаркарски тренери Еторе Месина.


