На 5 септември во Загреб ќе се одржи меморијален натпревар во чест на Дражен Петровиќ, по повод 60-годишнината од неговото раѓање, а на спектаклот ќе има и македонски претставник.
Во интервју за Спортске новости, братот на Дражен, Александар Петровиќ откри некои од имињата и најави дека го очекува и нашиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ. Тој ќе биде во тимот на светот кој ќе биде предводен од Жељко Обрадовиќ.
„Ќе има многу големи имиња. Матијас Лерос, Торнике Шенгелија, Шејн Ларкин, Вања Маринковиќ, Ненад Димтријевиќ, Марселињо Уертас, Јака Блажиќ… Ги замолив тренерите Жељко Обрадовиќ, Невен Спахија и Јосип Сесар да играат како да се работи за официјален меч бидејќи Дражен така би сакал“, рече, меѓу другото, Петровиќ.
Димитријевиќ е еден од најдобрите плејмејкери во Европа во моментов и ова ќе биде огромна чест за него. Не само што ќе биде во друштво на некои од најдобрите кошаркари на планетата, туку ќе настапи на меморијалниот натпревар на можеби најголемиот играч во поранешна Југославија.


