Поранешниот македонски репрезентативец Лестер Бо Мекејлеб доби огромна чест откако во саботата стана трет кошаркар во историјата на Универзитетот Њу Орлеанс чиј број (1) е повлечен од употреба.
Церемонијата се одржа на полувреме од дуелот против Универзитетот Хјустон, а на неа присуствуваа и другите легенди кои добија ваква почест: Ервин Џонсон (41) и Сандра Хоџ (44). Мекејлеб играше за Универзитетот Њу Орлеанс од 2003 до 2008 година и за тој период настапи на 128 натпревари, а со 2.679 постигнати поени се уште е најдобар стрелец во историјата на Прајватирс со 779 повеќе од второпласираниот Мел Хендерсон, најдобар стрелец во Сан Белт Конференцијата со 337 повеќе од второпласираниот Шон Лонг од Лујзијана Стејт и се наоѓа на 24. место на вечната листа на стрелци во НЦАА.
Додека настапуваше за Њу Орлеанс, поранешниот македонски репрезентатувец беше прогласен за дебитантот на сезоната, три пати беше во идеалниот тим на Конференцијата, а во втората сезона беше прогласен за најдобар играч во Сан Белт Конференцијата.
Од 2023 година, Мекејлеб е и член на Куќата на славните на Универзитетот Њу Орлеанс.


