На нешто помалку од еден месец пред крајот на основниот дел од сезоната, Оклахома Сити Тандер го обезбеди првото место во Западната конференција пред плејофот.
Ноќеска оваа екипа славеше против Шарлот со 141-106 и создаде недостижна предност во однос на ривалите. За Оклахома тоа беше петта победа по ред и 12. во последните 13 натпревари, а по поразот на Кливленд, сега го има и најдобриот биланс во лигата.
Оклахома има 58/12, а второпласираниот Хјустон Рокитс е на 46/25 што значи дека разликата меѓу нив е 12 победи на 11 меча пред крајот на основниот дел од сезоната. Меѓу другото, тоа ја потврдува фаворитската улога на Шеј Гилџес Александер во борбата за МВП признанието.
За франшизата од Оклахома, која е формирана во Сиетл во 1967 година, ова е шести пат да го освои првото место на Западот по основниот дел од сезоната, а втор во низа. Првиот пат тоа се случи во 1979 година кога е освоена и единствената шампионска титула во историјата на оваа екипа. Во 1994 година сензационално испадна во првата рунда од плејофот од Денвер, две години подоцна стигна до финалето и загуби од Чикаго Булс, по што најдобар тим на Западот беше во 2013 година и лани.


