Којзнае кој пат оваа сезона, Олимпија Милано не успеа да задржи огромно водство на еден натпревар, но за разлика од претходните дуели, сега не беше казнет.
Италијанскиот шампион ја совлада Венеција со 79-78, но мораше да се спасува во последните секунди иако во текот на мечот водеше и со 20 поени разлика. На стартот на последниот квартал резултатот беше 68-49, а потоа следуваше серија на Венеција од 16-0 за само -3 на околу шест минути пред крајот на мечот.

Во клучните моменти своите лидерски способности ги покажа македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ кој директно учествуваше во последните седум поени на својот тим со пет поени и една асистенција кон Миротиќ. Својот последен кош Олимпија Милано го постигна на нешто повеќе од две минути пред крајот, а во последните 40-тина секунди двете екипи не искористија по два напада, па шампионот се израдува на победата.
Ненад Димитријевиќ оствари дабл дабл, постигнувајќи 17 поени и 10 асистенции за индекс 27, највисок на натпреварот за што заслужено беше прогласен за МВП со 75% од гласовите. Со тоа го потврди одличното издание од дуелот со Реал кога, исто така, беше најзаслужен за победата на својот тим.


