Екипата на Париз и натаму е најпријатно изненадување во Евролигата и така ќе остане, без разлика на конечниот пласман овој тим.
Вицешампионот на Франција ја оствари десеттата победа во низа откако вечерва славеше на гостувањето кај Олимпијакос со 96-90. Со тоа го задржа првото место на табелата, со еден триумф повеќе од Фенербахче, а се одлепи на две победи од својот вечерашен противник.
Мечот во Пиреја имаше неверојатна последна четвртина во која домашниот тим беше пред дебакл, но успеа да се врати во игра и да го направи финишот крајно драматичен. На седум минути реузултатот беше 80-60 за Париз и многумина уште тогаш го прежалија Олимпијакос. Во следните 3,5 минути следуваше спектакуларна серија од 22-0 на домашниот тим со која тој не само што ја стопи негативата, туку и дојде во водство од 82-80. Додека траеше серијата на Олимпијакос, гостинските кошаркари имаа дури седум загубени топки, вклучувајќи две на Шортс. Во тие моменти се чинеше дека грчкиот тим ја има психолошката предност, но проработе најсилното оржује на Париз – тројки и за кратко време гостите повторно се вратија во предност која потоа ја задржаа до крајот. Клучната тројка ја погоди Маодо Ло на 19 секунди пред крајот.
Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс беше најдобар играч во својот тим со 21 поен и 8 скока, додека Фурние го предводеше Олимпијакос со 25 поени поени од кои 14 од линијата за слободни фрлања.


