Раководството на Олимпија Милано објави дека нема место за навивачите на Црвена Звезда во арената Медиоланум Форум на претстојниот дуел од Евролигата.
Одлуката не е на италијанскиот шампион, туку на провинцијата Ломбардија која оваа сезона не ги прими навивачите на Звезда ни на натпреварот од фудбалската Лига на шампиони против Милан.
„Се забранува продажба на влезници за навивачите на Црвена Звезда од Белград, а билети можат да купат само жители на Ломбардија. Продажба на влезниците е можна исклучиво со евидентирање на личните податоци на купувачите и влезниците ќе содржат комплетни лични податоци на купувачите“, пишува во соопштението од Олимпија Милано.
Натпреварот меѓу италијанскиот и српскиот шампион е на програмата на 4 декември од 20:30 часот. Кога минатата сезона Звезда гостуваше во Милано, на трибините имаше околу 1.000 навивачи на белградскиот тим.


