Екипата на Партизан пропушти голема шанса за брејк на гостувањето кај Олимпијакос и го забележа својот шести пораз во Евролигата, четврти по ред.
За разлика од претходните натпревари во Евролигата, во овој, кошаркарите на Партизан беа во игра до самиот крај, а не до почетокот на третата четвртина како и обично, но немаа доволно смиреност за конечно да ја прекинат својата серија порази во елитното натпреварување. Се бореа добро против Олимпијакос, покажаа многу добри работи во играта, па дури и надминаа некои психолошки проблеми, но постојано им недостасуваше концентрација во финишот, поради што тимот од Пиреја славеше и на тој начин им го нанесе шестиот пораз на црно-белите од девет одиграни кола – 80-71.
„Црно-белите“ промашија чисти шутеви во најлош можен момент, еден по друг, Бонга, Милтон, Фернандо… Мошне важна улога во падот во финишот имаше Двејн Вашингтон кој во последната четвртина загуби три топки, овозможувајќи им на домаќините да поентираат во контранапади.
За првпат во Евролигата оваа сезона, „црно-белите“ ја добија третата четвртина 19-15, но се покажа дека тоа не е најголем проблем во моментов. На почетокот од последниот период имаа +8, но потоа Калатес доби четврта лична грешка, која го принуди да си замине, Вашингтон влезе место него и уништи се што претходно беше градено. Капак на се беа зицерите на Бонга, Милтон и Фернандо, па Олимпијакос го казни сето тоа и ја однесе победата.
Грчкиот шампион сега е на четвртото место со биланс 6/3, додека Партизан е на 18. место со само три победи на девет меча.


