Во 2020 година, анкета спроведена од „The Athletic“ го рангираше Стив Балмер како најдобар сопственик на франшиза во НБА лигата.
Тој е секако сè што лигата бара од еден сопственик: длабоко посветен на својата франшиза (Лос Анџелес Клиперс), со допир на хистрионизам што го прави препознатлив меѓу навивачите, инвестира многу, дури и до тој степен што гради арена од 22 век, „Intuit Dome“ и кој има мноооогу пари. Тој е осмиот најбогат човек во светот, со повеќе од 150 милијарди долари. Вкупното богатство на следните 10 најбогати сопственици на НБА не е ни приближно исто како она на Балмер.
Но, таа слика за идеалниот сопственик сега е нарушена. Балмер е под истрага за заобиколување на ограничувањето на платите, камен-темелникот врз кој се одржува наводната еднаквост во НБА. Во текот на септември, новинарот Пабло Торе пријави плаќања до Кавај Ленард, ѕвездата на Клиперс, преку компанијата „Aspiration“, со која напаѓачот имаше договор, иако никогаш не изврши никаква работа за возврат. Според „Boston Sports Journal“, уплатата наводно била 28 милиони долари, со наводни уште 20 милиони долари.
Сопственикот на Клиперс се соочува со она што би можело да биде многу строга казна од НБА. Тој веќе дојде во франшизата благодарение на неговиот скандалозен претходник, Доналд Стерлинг кој во 2014 година мораше да си замине поради расистички коментари. Балмер беше дел од група бизнисмени кои сакаа да ги купат Соникс во 2008 година, се обиде да го стори истото и со Кингс во 2013 година со намера да ги однесе во Сиетл, а третиот пат му беше среќен: во 2014 година, тој понуди повеќе од кој било друг за да го купи тимот од Лос Анџелес за околу 2 милијарди долари.
Балмер (69 години) го стекна своето богатство преку компанијата „Мајкрософт“. Откако студирал на Харвард, бил вработен во компјутерската компанија во 1980 година. Како близок пријател на основачот Бил Гејтс, тој станал претседател во 1998 година, а две години подоцна го наследи својот колега како извршен директор. На позицијата остана до 2014 година. Во тој период, тројно ја зголеми продажбата и го удвои профитот на компанијата и покрај погрешните предвидувања, како она што го даде за iPhone: „Нема шанси да добие значителен пазарен удел“. Години подоцна, тој му забрани на своето семејство да користи какви било уреди на Apple.
Кога го напушти Microsoft, сопственикот на Клиперс понесе значителен дел од акциите на компанијата со себе, што продолжува да генерира огромни профити и го смести во Топ 10 на листата на Forbes. Дел од своето богатство го посветува на донации, а од остаокот имнвестира во Клиперс. Изградбата на ултрамодерната Intuit Dome, каде што ќе се одржи Ол стар натпреварот идната сезона, чинеше околу 2 милијарди долари. Таму се однесува како обичен навивач, вика толку многу, што дури мораше да се подложи на операција на гласните жици.
Најбогатиот сопственик во американскиот професионален спорт, „совршениот газда“, сега е во голем проблем поради истрага на НБА. Секој пат кога Ленард добивал пари на својата сметка, кои сега се предмет на истрага, имало претходен депозит во „Aspiration“ од некој близок до Балмер. Тој се брани велејќи дека бил измамен, но никој не може да поверува во тоа, со оглед на неговиот профил и фактот дека е опкружен со економисти и адвокат.
Прашањето сега е дали НБА, ако Клиперс бидат прогласени за виновни, ќе тргне по осмиот најбогат човек во светот. Ако има финансиска казна, таа би морала да биде огромна за неговите длабоки џебови да ја почувствуваат. Некои сопственици се вознемирени од можноста дека тој би можел да се извлече неказнето или едноставно да биде опоменат. Ако комесарот Адам Силвер, кој тврди дека уште не ги знае деталите од случајот, не направи ништо, тоа би било повод за останатите сопственици на лигата да се обидат да го заобиколат ограничувањето на платите на ист начин или со уште поимагинативни шеми.


