Екипата на Чаир направи значаен чекор кон пласманот во плејофот откако денеска го совлада градскиот ривал Ангели со 82-75.
Тимот од Кисела Вода долго време се наоѓаше во водство, имаше предност и од 15 разлика во третата четвртина (60-45), но Чаир не дозволи изненадување. Со серија од 14-0 се доближи на само еден поен негатива само три минути подоцна, а по голема борба во последниот период успеа да дојде до веќе „запишаната“ победа.
Со неа Чаир привремено изби на шестата позиција на табелата, последна која води во плејофот, но своите натпревари од ова коло треба да ги одиграат и МКК Куманово и Тиквеш. Проблем за чаирчани е тоа што во последното коло се среќава со актуелниот шампион МЗТ Скопје, а во него ќе решава дали ќе игра во плејофот или плејаутот.
Денеска Билингсли беше најдобар со 30 поени и 10 скока, Реџа исто така имаше дабл дабл, со 13 поени и 14 скока, а се истакна и Четмен со 18 поени. Кај Ангели, одличен настап забележа Рубин Стефанов кој постигна 32 поена, но неговата партија остана некрунисана со победа.


