Неполни два часа откако АБА ги објави казните за нередите во Подгорица, со драматично соопштение излезе Црвена Звезда, добро познато сценарио кога некоја одлука е против актуелниот шампион во регионалното натпреварување.
Според белградскиот клуб, одлуката на дисциплинскиот судија, да го суспендира Никола Калиниќ на три натпревари е скандалозна.
„Оваа одлука јасно ја покажува намерата на Хрвоје Видан (дисциплинскиот судија н.з.), но и на цела лига, Црвена Звезда да биде елиминирана од рамноправна борба за трофеј бидејќи таа не е донесена со цел да се дисциплинира играчот кој направил прекршок, туку да се нанесе спортска штета на еден од учесниците во полуфиналето на АБА. Ова не е дисциплинска мерка, туку отворен линч и директна саботажа на Звезда.
Не го оправдуваме гестот на Никола Калиниќ, но се прашуваме – до кога? Колку играчи треба да бидат испровоцирани, гаѓани, навредувани за некој од лигата конечно да ги казни вистинските виновници. Црвена Звезда сериозно ќе го преиспита својот статус и позиција во АБА лигата и тоа ќе го покажеме со конкретни потези за кои јавноста многу брзо ќе биде известена“, пишува, меѓу другото, во соопштението од Звезда.
Калиниќ беше суспендиран затоа што фрлените предмети од трибините на теренот ги гаѓаше гледачите. Во моментов, суспендиран е и Милош Теодосиќ кој на еден од натпреварите против Игокеа му се внесе в лице на судија и потоа се расправаше со челниците на АБА лигата.


