Којзнае кој пат оваа сезона, италијанскиот шампион Олимпија Милано успеа да прокоцка висока предност и да остане со куси ракави.
Тимот на македонскиот репрезентаттивец Ненад Димитријевиќ доживеа пораз од најслабиот тим во Евролигата, Алба со 101-105 по продолжение и покрај тоа што во третата четвртина водеше со 13, а на почетокот од последната со 10 поени разлика. И во текот на претходниот викенд Олимпија за малку ќе испуштеше +20 од Венеција во домашното првенство, но тогаш се најде Димитријевиќ во клучните моменти да ја спаси ситуацијата и да донесе победа за својот тим.
Во дополнителните пет минути вечерва Алба поведе со 103-96, Олимпија Милано со тројката на Менион намали на 101-103 на 20-тина секунди пред крајот, но место да прават лична грешка, кошаркарите на италијанскиот тим бркаа по цел терен и загубија драгоцено време за дури потоа да направат фаул, кога веќе беше предоцна.
Ова беше добра шанса да врзе три победи по ред, но место тоа, го доживеа шестиот пораз оваа сезона во елитното натпреварување и се уште е далеку од плејоф зоната. Димитријевиќ беше трет стрелец во својот тим со 14 поени, Миротиќ беше најефикасен со 28 (плус 10 скока), а Ледеј додаде 23.
РЕЗУЛТАТИ
Фенербахче – Баерн 87-76
Монако – Црвена Звезда 90-98
Алба – Олимпија Милано 105-101
Олимпијакос – Асвел 94-92
Панатинаикос – Макаби 93-87
Басконија – Анадолу Ефес 84-89
Реал – Виртус 98-86


