Екипата на Академија ФМП оствари исклучително важна победа на стартот од плејаутот откако вечерва славеше на гостувањето кај Охрид со 93-88.
Со тоа, тимот од Кисела Вода се израмни на табелата со својот денешен ривал и во последните пет кола ќе води жестока битка за спас и за уште една сезона во елитата. Драматичниот меч беше одлучен во последната четвртина во која ФМП направи голем пресврт и од -6 дојде до победа.
Иако не беше најефикасен на натпреварот, херој на Академија ФМП беше поранешниот репрезентативец Предраг Пајиќ кој се разигра токму во последниот квартал и е најзаслужен за пресвртот. Неговиот тим губеше со 71-77 кога тој го почна своето шутерско шоу. Стартуваше со две слободни фрлања, а потоа погоди три тројки при што со последната ја одведе Академија ФМП на недостижни и највисоки за својот тим 89-81, на 66 секунди пред крајот. Од вкупно 17 поени, Пајиќ во последната четвртина постигна 11 поени.
Најефикасни во неговиот тим беа Робертс со 28 и Петровски со 21 поен. Охрид го имаше извонредниот Андерсон кој го заврши мечот со 32 поена и долго го држеше својот тим во игра за победа, но тоа не беше доволно.


