Македонската јуниорска репрезентација ја оствари и третата победа на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Скопје и се наоѓа на милиметри од пласман меѓу осумте најдобри на шампионатот.
Во рамките на третото коло, нашата селекција ја совлада Чешка со 94-86 и сега е осамена на првото место на табелата, единствена во групата Ц. За да влезе во четвртфиналето, Македонија прво треба во вторник да го победи Кипар, а потоа в среда да се обиде да не загуби со 14 или повеќе разлика од Украина.
Ако се земе предвид статистиката, Македонија апсолутно заслужено дојде до триумфот против Чешка бидејќи се наоѓаше во водство безмалку 32 минути при што највисоката разлика изнесуваше 13 поени. Израмнета беше само првата четвртина (27-27), а веќе во вториот период почна доминацијата на нашата репрезентација. На полувреме беше +10 (59-49), а на почетокот на третиот квартал ја достигнавме највисоката предност (62-49).
Тука дојде до мала криза кај нашите кошаркари кои дозволија Чешка да се врати во игра и на осум минути пред крајот на мечот да израмни на 72-72. Решавачки беа следните четири минути во кои Македонија направи серија од 10-0 во која Стојковиќ и Ќириловски се покажаа на двата краја од теренот, а се истакна и Марко Луканоски со четири поени. Кога веќе излеговме од кризата, Јаничиќ со тројка стави точка на мечот.
Никола Јаничиќ со 25 поени беше најефикасен во македонската репрезентација, но сите останати имаат заслуга за триумфот. Стојковиќ реализира 20 поени и оствари индекс 27, Ќириловски оствари дабл дабл со 14 поени и 10 скока, Луканоски имаше 16 поени и 9 скока, а честитки заслужуваат и останатите кои се појавија на теренот.


