Најтрофејниот македонски колектив Работнички стигна до второто место на табелата по седмиот триумф во низа.
Тимот од Градски парк славеше на гостувањето кај Еуро Никел со 92-91 и ја продолжи низата која почна во декември, а може да продолжи до средината на март бидејќи пред него е релативно лесен распоред до крајот на основниот дел од првенството. Еуро Никел, пак, кој пред две кола беше лидер на табелата, по поразите од МЗТ Скопје и Работнички сега е трет со идентичен биланс како Пелистер и Чаир (12/5), но ја заврши серијата тешки натпревари.
Денешниот меч беше максимално израмнет и неизвесен до последната секунда, а највисоката предност на една од екипите изнесуваше осум поени. Во првото полувреме Еуро Никел беше почесто во водство и имаше 36-28 во третата минута од вториот период за на голем одмор да замине со минимални 49-47. Слично беше и во продолжение, кавадарчани го диктираа темпото, но Работнички постојано му беше зад петиците и неколку успеа да дојде до предност.
Клучни беа петте минути во последната четвртина во кои Еуро Никел не постигна кош, а Работнички направи серија од 8-0 и поведе со најсивоки 86-79. На 50 секунди пред крајот Дубински со тројка израмни, но потоа Трајс погоди од полудистанца, а по промашувањето на Вранеш, истиот играч го однесе Работнички на 92-88, на девет секунди пред крајот. Дубински со тројка само го постави конечниот резултат.
Токму Трајс беше најдобар играч кај Работнички со 27 поени и 10 скока, Декоузи додаде 21 поен, а Рикиќ оствари дабл дабл со 18 поенни и 14 скока. Смит го предводеше Еуро Никел кој натпреварот го одигра само со шестмина играчи бидејќи од резервните кошаркари, Караколев на теренот помина три минути, а Бојчев само 13 секунди.


