Кожув ја отвори новата сезона во МТЕЛ Суперлигата со важна гостинска победа, откако во драматичен натпревар во „Јане Сандански“ го совлада Скопје со 101-95 со што стана првиот тим во македонското првенство со 100 поени на еден натпревар.
Домаќинот подобро го започна мечот и во првото полувреме успеваше да ја контролира играта. Скопје го доби првиот период со 24-18, а до паузата ја сочува предноста и на одмор замина со 47-42. Џонс и Паркер беа главната офанзивна сила на домашниот тим, додека Миловановиќ покажа дека ќе биде значаен фактор по враќањето во македонскиот шампионат.
Кожув, сепак, не дозволи Скопје да ја задржи контролата и по паузата целосно го промени текот на натпреварот. Гостите заиграа поагресивно во нападот, почнаа да ја топат негативата и во третата четвртина дури стигнаа до плус пет. Тројката на Бојчев за 67-62 беше знак дека Кожув го презема моментумот, но Скопје со добра завршница на периодот успеа да израмни на 72-72.
Така, победникот се решаваше во последните десет минути. Двата тима долго време беа во егал, а нешто повеќе од две и пол минути пред крајот Кожув водеше само со 88-86. Во најважниот момент, сепак, гостите направија клучен исчекор.
Кожув ја подигна одбраната, а во нападот погоди неколку важни шутеви и направи серија со која замина на 95:87. Скопје се обиде да одговори, но немаше доволно време за нов пресврт. Гостите ја сочуваа предноста и со 101-95 стигнаа до првиот триумф во новата сезона.
Бојчев беше предводник на Кожув со 24 поени, при што имаше извонредна реализација за три поени – 5/8. Значаен придонес дадоа и Симиќ, Армстронг и Бурис, а особено впечатливо е што целата стартна петорка на Миодраг Тодоровиќ заврши со двоцифрен ефект.
Скопје го предводеа Џонс и Паркер со по 26 поени. Миловановиќ додаде 13, додека Џексон и Младеновиќ натпреварот го завршија со по 11.


