Басконија се реши за тренерска смена по разочарувачкиот почеток на сезоната во Евролигата.
Шпанскиот клуб ја прекина соработката со италијанскиот стратег Паоло Галбијати, а негов наследник ќе биде искусниот хрватски тренер Велимир Перасовиќ, кој се враќа на клупата на тимот од Виторија.
Одлуката доаѓа по само пет одиграни кола во Евролигата, во кои Басконија забележа една победа и четири порази. Последниот неуспех беше особено болен, откако шпанскиот состав загуби на домашен терен од Дубаи со 79-93, резултат што дополнително го влоши впечатокот од европскиот почеток на сезоната.
Velimir Perasovic, nuevo entrenador de Kosner Baskonia
🖇️https://t.co/fCLxO1AQeY
Ongi etorri! 🔵🔴 https://t.co/GTMPSt9Wy2
— Kosner Baskonia (@Baskonia) October 14, 2026
Сепак, отказот на Галбијати доаѓа во необичен момент, бидејќи Басконија има сосема поинаква слика во домашното првенство. Тимот стартуваше со три победи во првите три кола од шпанската лига, но слабите резултати на европската сцена очигледно беа пресудни за раководството. Галбијати ја напушта Басконија по нешто повеќе од една сезона. Иако европските резултати не ги исполнија очекувањата, италијанскиот тренер сепак успеа да освои значаен трофеј. Во февруари годинава, тој го предводеше тимот до триумф во Копа дел Реј, со што клубот од Виторија ја прекина паузата од 17 години без овој пехар.
Неговиот наследник Перасовиќ е добро познато име во Виторија. Хрватскиот стратег претходно ја предводеше Басконија во три различни периоди – од 2005 до 2007 година, во сезоната 2015/16 и во сезоната 2018/19. Во 2006 година со клубот ги освои Купот на кралот и шпанскиот Суперкуп, а во 2016 година го одведе тимот до завршниот турнир во Евролигата.
Перасовиќ последните пет години ги помина на клупата на УНИКС Казан, со кој во 2023 година ја освои титулата во ВТБ-лигата. Со Басконија потпиша двегодишен договор, кој ќе трае до 2028 година.
Новиот тренер веднаш ќе се соочи со сериозен предизвик, бидејќи Басконија ја очекува гостување кај Виртус Болоња во шестото коло од Евролигата. Неговата задача ќе биде да го стабилизира тимот на европската сцена и да го врати во борбата за пласман во следната фаза, без притоа да го наруши добриот почеток во шпанското првенство.


