Олимпијакос го победи Панатинаикос со 82-76 во првиот натпревар од финалната серија на плејофот во грчкото првенство.
Ова беше 18. победа по ред за тимот на Јоргос Барцокас во сите натпреварувања и трета по ред против најголемиот ривал, кој ќе бара брејк во серијата за два дена на истото место, во нов обид. Новокрунисаниот европски шампион заслужено дојде до победата во Пиреја бидејќи водеше речиси сите 40 минути, а во средината од третата четвртина имаше и 17 предност (52-35).
Тоа беше момент за големо будење за гостите. Експлодираше Динос Митоглу со четири тројки од исто толку обиди, па ПАО, како што минуваше времето, ја намалуваше негативата и во последната четвртина влезе со само четири поени негатува. Серијата на „зелените“ продолжи на почетокот на решавачкиот период – гостите го отворија со серија од 7-2, а потоа дојдоа и до првото и единствено водство (65-64).
Но, ПАО застана кога беше најпотребно. Серија промашувања, дури и отворени шутеви, од средината на тој период до самиот крај скапо го чинеа тимот на Атаман. Од друга страна, играчите на Олимпијакос се консолидираа, ја вратија самодовербата и ритамот во нападот, ја вратија предноста на своја страна и ја задржаа до самиот крај.
По поените на Везенков (соло пробив) и Фурние (слободно фрлање), тројката на Томас Вокап за +7 на 17 секунди до крајот го дотолчи Панатинаикос. Џеди Осман одговори со тројка кратко пред крајот, но еден од ретките прецизни шутеви на „зелените“ во таа фаза од натпреварот дојде доцна.
Вториот натпревар од финалето се игра в петок на теренот на Панатинаикос, а третиот меч е в понеделник во „Мир и пријателство“.


