Панатинаикос не успеа да се врати на победничките патеки во Евролигата. Атинскиот тим загуби на гостувањето кај Виртус Болоња со 79-84, во натпревар во кој повторно се соочи со проблеми во одбраната и контролата на скокот.
Гостите имаа добар почеток и уште во воведните минути се наметнаа со цврста одбрана, поведувајќи со 6-0. Панатинаикос во поголемиот дел од првата четвртина ја задржа предноста, но Виртус постепено го пронајде својот ритам и по десет минути имаше само еден поен негатива – 19-20.
Во продолжението се водеше израмнета битка. Грчкиот состав успеваше да ја одржува предноста, но не и да се одлепи резултатски. Кендрик Нан и соиграчите бараа решенија во нападот, додека Герсон Јабуселе беше меѓу играчите кои придонесуваа за одржување на водството. На паузата Панатинаикос замина со три поени предност (43-40).
Ниту по одморот не се промени многу сликата на теренот, па во третиот период двете екипи продолжија со резултатска неизвесност. Сепак, Виртус ја искористи слабата игра на гостите во рекетот, особено при скокот во напад, и постепено ја презеде контролата. Италијанците ја добија третата четвртина со 20-13, па во последните десет минути влегоа со предност од 60-56.
Панатинаикос се обиде да остане во игра, но домаќините не дозволија целосен пресврт. Виртус беше поцврст во клучните моменти, а предноста во скокот му овозможи да добива дополнителни напади и да го одржува водството до самиот крај.
Најзаслужни за победата на италијанскиот тим беа Алиу Дијара и Мухамет Диуф, кои постигнаа по 15 поени. Кај Панатинаикос најефикасен беше Кендрик Нан со 18 поени, додека Исаак Бонга, Силвен Франциско и Костас Слукас завршија со по 10.
Виртус ја доби битката под кошевите со 46-37 во вкупниот број скокови, а особено значајна беше предноста во офанзивните скокови. За Панатинаикос ова беше трет пораз во последните четири кола од Евролигата поради што падна на четвртото место на табелата, додека Виртус ја прекина низата од пет порази во елитното натпреварување.


