Вечерва е комплетирано 30. коло од Евролигата по кое уште повеќе се замрси ситуацијата на табелата кога станува збор за борбата за директен пласман во плејофот.
Панатинаикос се прошета низ Белград и на крилјата на Матијас Лесор без проблеми ја совлада Црвена Звезда со 89-76. Победата на грчкиот тим во ниеден момент не беше доведена во прашање иако во второто полувреме домашниот тим се доближи на седум поени негатива. Лесор беше убедливо најдобар ограч на натпреварот со 19 поени, 6 скока и 4 асистенции за индекс 30. Ова беше шести пораз по ред за Црвена Звезда која сега дефинитивно е без шанси за пласман во топ-10.
Фенербахче и Барселона одиграа исклучително необичен натпревар. Турците газеа во првото полувреме и имаа 25 поени предност (40-15) за на почетокот од последната четвртина Барса да се доближи на само еден посед негатива (59-62). Тогаш на сцена стапи Калиниќ кој загуби една топка, па направи лична грешка која судиите ја окарактеризираа како неспортски прекршок и Фенербахче го искористи тоа за да отиде на +10 што потоа беше недостижно за гостинскиот тим. Ова беше слатка одмазда на Шарунас Јасикевичиус во неговиот прв натпревар против Барселона која ја водеше претходните три години.
Сега Панатинаикос, Фенербахче и Милано се на делба на третата позиција со биланс 19/11, па во последните три кола заедно со Олимпијакос (18/12) ќе водат жестока битка за место меѓу најдобрите четири што носи предност на домашен терен во четвртфиналето.


