Турскиот стручњак Ергин Атаман го продолжи договорот со Панатинаикос до 2027 година, еден месец откако ја заврши сезоната со трофеите од грчкото првенство и Евролигата.
Такво нешто најави сопственикот Димитрис Јанакопулос непосредно по завршувањето на сезоната кога рече дека ПАО ќе изгради нова шампионска династија. Минатата недела го повтори својот план, истакнувајќи дека сака Панатинаикос и следните пет години да триумфира во Евролигата и да го стигне Реал по бројот на трофеи во елитното натпреварување.
Атаман ги презеде „детелинките“ лани кога потпиша договор до 2025 година, но по успешната прва сезона прифати да остане уште две сезони, па тимот би требало да го води до 2027. Ако дел од тоа се оствари, Панатинаикос ќе ги повтори резултатите од периодот додека тренер на овој тим беше Жељко Обрадовиќ кој освои пет титули во Евролигата.
Слободно може да се каже дека тој е најдобар европски тренер во моментов бидејќи освои три титули во Евролигата во последните четири сезони. Во 2021 и 2022 година триумфираше со Анадолу Ефес, а сега и со Панатинаикос.


