Најголемите ривали во грчката кошарка Олимпијакос и Панатинаикос вечерва го одиграа првиот меѓусебен дуел во рамките на првенството и како победник излезе актуелниот шампион.
Панатинаикос славеше на гостински терен со 78-71 и делумно се одмазди за поразот во Суперкупот минатиот месец. Почетокот на мечот го оправда епитетот дерби, на едната страна блескаа Мустафа Фал и Еван Фурние, а на другата Лоренцо Браун и Џеријан Грант. По десет минути игра резултатот беше 23-23, но во вториот период се разигра Кендрик Нан, па Панатинаикос го наметна својот ритам и стекна двоцифрена предност (48-38). Во првите 20 минути, европскиот шампион погоди дури 10 тројки.
Александар Везенков во третиот период го врати во игра тимот на Олимпијакос, но шансите за пресврт на „црвено-белите“ ги уништи Нан со неверојатното издание во последниот квартал кога успеа да го однесе својот тим на +16.
Тој беше и најдобар играч на натпреварот со 25 постигнати поени, вклучувајќи шест тројки, а Везенков го предводеше Олимпијакос со 19. ПАО сега е лидер на табелата со биланс 4/0, додека Олимпијакос го ппретрпе првиот пораз во сезоната.


