Кошаркарскиот клуб Париз и финскиот стручњак Туомас Исало ќе ги решаваат меѓусебните проблеми на суд откако неодамна ја прекинаа својата соработка.
Трофејниот тренер летово го напушти клубот и замина во НБА, каде ќе биде асистент во Мемфис Гризлис, а тоа не им се допадна на челниците на Париз. Лани Исало потпиша двегодишен договор за 325 илјади евра по сезона поради што во меѓувреме Париз одби понуда за него од Вашингтон Визардс во висина од еден милион евра. Тоа предизвика тензија меѓу Исало и претседателот на Париз, Дејвид Кан.
На крајот, Финецот одлучи самоволно да си замине од Франција и да се пресели во НБА што ги налути челниците на Париз и тие почнаа судска постапка против него. Во меѓувреме, ангажиран е нов тренер – бразилската играчка легенда Тијаго Сплитер.
Под водство на Исало, Париз минатата сезона триумфираше во Еврокупот и обезбеди пласман во Евролигата, а првпат во својата кратка историја играше и во финалето од француското првенство каде загуби од Монако.

