Екипата на Кемниц славеше на гостински терен против Тренто со 105-94 во дуелот на двајцата Македонци, Ѓорѓи Кочов кој е дел од стручниот штаб на германскиот тим и Андреј Јакимовски кој е член на италијанскиот прволигаш.
Кемниц се наоѓаше во водство во текот на целиот натпревар и заслужено славеше, но натпреварот го одбележа македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски. Иако помина само 25 минути во игра, нашиот кошаркар беше најефикасен во својата екипа со 30 поени што е негов личен рекорд во професионалната кариера и секако рекорд во европската кошарка.
Јакимовски погоди 3/7 за тројка, 6/9 за два и 9/9 од линијата за слободни фрлања, а додаде уште осум скока за индекс 31, највисок во својот тим. Тој беше и најзаслужен што во последната четвртина Тренто од негатива од 20 разлика се доближи на само -5 и внесе драматика на мечот. Сепак, во клучните моменти не доби помош од соиграчите и пресвртот не се случи.
Кемниц го имаше фантастичниот Кевин Јебо кој постигна 33 поен и осум скока за индес 38, највисок на натпреварот.


