Лидерот на табелата во македонската кошаркарска лига ТФТ на фантастичен начин ја заврши историската година откако вечерва го совлада Борац во Бања Лука со 80-62.
Поранешниот освојувач на Купот на Македонија го одигра најдобриот натпревар сезонава во АБА 2 лигата и драстично си ги зголеми шансите за пласман во плејофот бидејќи во последните три кола, два пати ќе игра на домашен терен, а трите меча се против екипи од БиХ кои, реално, може да ги добие.
ТФТ беше доминантен во текот на целиот натпревар, но убедливата победа ја оствари благодарение на подобрата игра во второто полувреме. Во финишот од третиот период направи серија од 11-2 по која поведе со 56-43, а во последниот период имаше уште една, со 10-2 за водство од 68-51. На 40-тина секунди пред крајот на натпреварот, ТФТ достигна највисоки +21 (80-59), пред домаќините да намалат дел од негативата.
Гордон беше убедливо најдобар играч кај ТФТ со постигнати 28 поени, Ташовски додаде 15, а Сомервил 13. Борац до ова коло беше ко-лидер на табелата што дава дополнителна тежина на победата на македонскиот претставник, а поради високата разлика, овој триумф може да игра голема улога при конечниот пласман.
ТФТ сега се наоѓа на делба на петтата позиција на табелата во АБА 2, со биланс 3/2, колку што имаат и Слобода, Војводина, МЗТ Скопје и Борац Бања Лука.


