Големите промени во Евролигата носат и неочекуван расплет во борбата за добивање статус франшиза на дел од клубовите.
Црвена звезда и Партизан нема извисија во првиот бран на проширување на елитното европско натпреварување и ќе мора да се задоволат со тригодишни специјални покани. Во истата група ќе се најдат и италијанските претставници Виртус Болоња и Наполи.
Евролига веќе го дефинирала планот за новата структура на натпреварувањето. Црвена звезда и Партизан се надеваа дека ќе добијат долгорочен статус и ќе станат постојани членови на елитното друштво, но засега тоа нема да се случи. Mесто трајни лиценци, двата белградски клуба би добиле специјални покани со важност од три години. Тоа значи дека навивачите на вечните ривали и понатаму ќе ги гледаат своите тимови во Евролигата, но без гаранција за постојано место во натпреварувањето по истекот на договорот.
Сепак, ова не значи дека Црвена звезда и Партизан ги загубиле шансите за франшиза. Напротив, според истиот план, двата српски клуба ќе бидат меѓу фаворитите за добивање две дополнителни трајни лиценци при следното проширување на Евролигата, предвидено за 2030 година, кога натпреварувањето би требало да брои 28 екипи.
Особено интересна е позицијата на Наполи, кој се најавува како еден од четирите клубови што ќе добијат тригодишна специјална покана. Италијанскиот состав би можел да направи голем чекор кон најсилното европско клупско натпреварување, а заедно со него во истата категорија би бил и Виртус Болоња. Тоа значи дека клубот на македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски од идната сезона ќе настапува во Евролига, а со тоа и нашиот кошаркар ќе дебитира во елитното натпреварување.
Во меѓувреме, шест други клубови би добија статус на франшиза во првата фаза: Валенсија, Париз, Дубаи, Хапоел Тел Авив, ПАОК и Максима Рома, клубот поврзан со Лука Дончиќ.
Планот предвидува проширување на Евролигата од 20 на 24 екипи од сезоната 2027/28, а потоа и на 28 учесници во 2030 година. Покрај новите франшизи и специјалните покани, две места ќе бидат резервирани за екипите што ќе обезбедат пласман преку Еврокупот.
Финансискиот аспект е исто така значаен. Новите клубови кои ќе добијат статус на франшиза би требало да платат меѓу 50 и 90 милиони евра за влез во сопственичката структура на натпреварувањето. Според објавените информации, постојните 13 клубови-сопственици би поделиле вкупно околу 400 милиони евра од овие уплати.


