Црвена Звезда води со 1-0 на отворањето на финалната серија во АБА лигата откако вечерва како домаќин во Пионир славеше со 85-82.
Иако траеше 2,5 часа, првиот меч не донесе инциденти, на задоволство на сите љубители на кошарката, а од друга страна понуди драматика до последните секунди. Црвена Звезда имаше повеќе трпение и искуство во клучните моменти и дојде до победата, а се чини дека Партизан испушти голема шанса со брејк да го почне финалето и да ја сврти предноста на домашниот терен на своја страна.
Највисоката предност на натпреварот изнесуваше девет разлика, а по еднаш ја имаа двете екипи. Во првото полувреме Партизан водеше со 35-26 и Звезда одговори со 9-0, а во второто Звезда водеше со 64-55 и Партизан одговори со 10-0. Гостите водеа со 78-77 на нешто помалку од три минути пред крајот, неполна минута подоцна Звезда имаше +3 (81-78), но победникот се решаваше во последните 11 секунди.
При предност на Звезда од 81-80 имаше „мртва“ топка на половината на Партизан, подобро се снајде Давидовац кој ја прифати и потоа изнуди слободни фрлања. Два пати прецизен, на спротивната страна идентично одговори Нанели, но Давидовац не дозволи да му затрепери раката и повторно ги реализира двата „пенала“, не оставајќи му на Партизан простор за надеж. Во последниот напад, со истекот на времето, Аврамовиќ се обиде од центар, но беше непрецизен.
Пред да стапи Давидовац на сцена, Јаго до Сантос ја одржа Звезда во живот и го заврши мечот со 18 поени, а двоцифрени беа уште Теодосиќ и Митровиќ со по 14 поени. Нанели беше убедливо најдобар поединец на натпреварот со 27 поени. Вториот дуел од финалето се игра в среда, повторно во Пионир.


